Екстерното пред Европскиот суд за човекови права

Доколку говориш праведно ќе те мразат луѓето, а доколку пак говориш неправедно, ќе те мразат боговите (Аристотел, ‘Реторика’)“. Уставниот суд на Република Македонија го укина членот 71 став 3 од Законот за основно образование во делот: „а го организира и спроведува Министерството и Државниот просветен инспекторат“. Со тоа го укина екстерното оценување, со одлука од 01.07.2009 година.

Одлуката ја образложи така што наведе дека: „…наставниците како директно инволвирани во воспитно-образовниот процес, се единствени кои можат континуирано и систематски да го следат постигањето и напредувањето на ученикот преку текот на целата учебна година и на крајот да го утврдат општиот успех на ученикот… Според судот, орган на извршната власт, надвор од училиштето и воспитно образовниот процес, не може да врши екстерно проверување и оценување на учениците во основните и средните училишта, односно дека не е во согласност со Уставот и принципот на владеењето на правото Министерство за образование и Државниот просветен инспекторат да организираат и спроведуваат проверување на успехот на ученикот, а кое е од влијание на конечниот постигнат општ успех на ученикот“.

Од одлучно влијание е фактот дека и Словенија до ратификацијата на Европската конвенција за човекови права немаше екстерно. Словенија ја ратификува Конвенцијата во 1994, а Македонија во 1997. За разлика од Уставниот суд на Македонија, Уставниот суд на Словенија со одлука од 15.05.2000 година, едногласно утврди дека екстерното оценување е во склад со Уставот. Како и македонскиот устав, и словенечкиот предвидува владеење на правото.

Екстерното оценување е уредено со член 64 од Законот за основно школо на Република Словенија. Членот е насловен „Национално проверување на знаењето“. Во теоријата за овој термин почесто се употребува поимот „надворешно проверување на знаењето“, а судовите за истиве поими го употребуваат поимот „завршно проверување на знаењето“. Спротивно на Уставниот суд на Македонија, Уставниот суд на Словенија ќе ја образложи својата одлука: „18. Членот 64 од Законот за основното школо го озаконува задолжителното проверување на знаењето на учениците на крајот на сите три временски периоди. Според одредбата на првиот став на овој член, логична е и целта на тоа проверување, да се проверат минималните стандарди на знаење на учениците. Таа цел важи и за проверувањето на крајот на третиот временски период, кога според одредбата на петтиот став на истиот член, по стандардизирана постапка, во соработка со надворешни оценувачи на проверката на знаењето на учениците по словенечки јазик, математика, странски јазик и два задолжителни предмети (заклучно проверување на знаењето). Според одредбата на првиот став на член 72 од Законот за основно школо, ученикот успешно го завршува деветтото одделение, доколку има позитивни оценки од сите предмети на одделението што го посетува и доколку успешно го положи заклучното проверување на знаењето.

19. Членот 65 од Законот за основно школо, кој што ја озаконува целта на проверувањето, одредува дека резултатите на проверувањето можат да се употребуваат само за цели, кои што ги одредува законот.Членот 84 одредува, дека ученикот кој што го завршил основношколското образование добива свидетелство, во него се впишуваат оценките од деветтото одделение, за предметите за кои што било извршено заклучно проверување, а оценката е рамноправно составена од оценката за тоа проверување и оценките за деветто одделение.Членот 73, меѓу другото одредува, дека основната школа, за постигнатите оценки на ученикот од предметите на заклучното проверување ги известува гимназиите и другите општи средни училишта, доколку тоа го бараат како услов за впис.Членот 75 пак, одредува дека учениците, кои што успешно не го положиле заклучното проверување, пред повторното проверување можат да ја вклучат десеттата година на образование. Конечно, членот 85 одредува, дека на ученикот кој што ја исполнил основношколската обврска, но не го завршил основношколското образование, училиштето му издава потврда за исполнета основношколска обврска.

20. Проверувањето и оценувањето е составен дел на воспитно образовниот процес во основното школо, а исто така заклучното проверување на знаењето е дел од тие составни елементи. Наменето е како за ученикот, така за неговите, како и за училиштето, а особено проверувањето е наменето и за државата, која што го обезбедува основното училиште и неговата бесплатност, па заради тоа е и одговорна за неговата ефикасност.“
Одлуката на Уставниот суд на Република Словенија е во склад и со првата реченица на член 2 на протоколот кон Европската конвенција за човекови права: „Член 2, Прв протокол: Никому не може да му се одземе правото на образование.“

Согласно судската практика на Европскиот суд за човекови права, правата кои се заштитени се: право на пристап до образовните институции кои постојат во дадено време; право на ефикасно образование и право на официјално признавање на студиите кои студентот успешно ги завршил. Како што се гледа, образованието мора да биде ефикасно.

Како што се утврди од одлуката на Уставниот суд на Република Словенија, образованието не може да биде ефикасно без екстерно проверување.

„Една вистина не може да собори друга, туку на крајот сите тие мораат да бидат во склад, бидејќи во очигледното, нивната заедничка основа, не е можна никаква контрадикција. Поради тоа, ниедна вистина не треба да се плаши од друга. Напротив, измамата и заблудата мораат да се плашат од секоја вистина (Шопенхауер, ‘Светот како волја и претстава’).“
Одлуката на Уставниот суд на Република Словенија и одлуката на Европскиот суд за човекови права не се плашат една од друга.
Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија мора да се плаши и од одлуката на Уставниот суд на Република Словенија и од одлуката на Европскиот суд за човекови права.

Објавено во Нова Македонија на 8 октомври 2009