Дилема

Не бев поштеден ниту јас, па меѓу редови, беше поставена дилема; тужбата што ја поднесе власта и тужбата што ја предлага Попески е дилема. Според Речникот на словенечкиот книжевен јазик, дилема е ситуација кога треба да се одлучи помеѓу две дадени можности. Од логички аспект, дилемата е посредно условно заклучување. Бидејќи ниеден коментатор не направи контрасилогизам на ниеден од моите правни силогизми, оценив дека поставената дилема е најсилен напад на фељтонот.

Прво, признавам дека е поставена одлична дилема, па единствено што ми преостанува е да се обидам да докажам дека изборот на моето правно средство е правилен избор. Говорејќи со јазикот на проф. д-р Синиша Трива (најдобар стручњак за процесно право во СФРЈ), моето правно средство претставува инцидентална, прејудициелна, деклараторна тужба за утврдување ништовност на правно дело. Иако се работи за меѓународно право, ваквиот мој пристап е правилен, бидејќи Келзен во „Чиста теорија на правото“ тврди и докажува дека меѓународното право настанува од националното право. Јас тврдам дека ништовноста на Привремената спогодба е прејудициелно прашање, а ова тврдење го поткрепувам со аргументот што повикувањето на ништовност по правило не застарува и на ништовноста по правило внимава судот по службена должност. Овие факти одат во прилог на прејудициелниот карактер на ништовноста.

Доколку не греши Трива, и доколку во фељтонот докажав дека привремената спогодба е ништовна, тогаш погрешна е тужбата на власта за исполнување ништовно правно дело. Меѓутоа, доколку власта се одлучи за вложување на моето правно средство, пред Меѓународниот суд на правдата да донесе одлука по тужбата на Македонија, заради прејудициелниот карактер на моето правно средство, Македонија може да предложи Меѓународниот суд да ја прекине постапката по веќе вложената тужба за исполнување на Привремената спогодба, сé додека судот не донесе правосилна и извршна одлука по повод моето прејудициелно правно средство. Доколку наводите во мојот фељтон и наводите на Трива се правилни, Меѓународниот суд на правдата мора да го прифати предлогот на Македонија и да ја прекине постапката по повод тужбата за исполнување на Привремената спогодба.

Кај д-р Егон Шнајдер, „Логика за правници“, го добиваме можеби најдобриот пример за дилема: „Еуатхлос го ангажирал за свој учител софистот Протагора со договор дека ќе му даде половина од хонорарот однапред, а другата половина ќе му ја плател кога ќе го добиел својот прв процес. Откако поуката завршила, Еуатхлос не зел ниеден процес, а не го платил ниту преостанатиот хонорар. Протагора го тужел, а тужбата ја образложил вака: ‘Или мојата тужба ќе биде одбиена, или пак Еуатхлос ќе биде осуден.

Доколку мојата тужба биде одбиена, Еуатхлос, врз основа на нашиот договор, мора да ми ја плати другата половина од хонорарот. Доколку, пак, биде осуден, мора да ми плати според судската изрека. Значи, во секој случај, мора да ми го плати преостанатиот дел од хонорарот’.

Еуатхлос, пак, добро се поучил кај својот учител. Го свртил копјето и реторквирал: ‘Или судијата ќе ме осуди, или ќе ја одбие тужбата.

Доколку ме осуди, тогаш, со оглед на нашиот договор, не треба да платам.

Доколку ја одбие тужбата, тогаш не треба да платам врз основа на судската изрека. Значи, во никој случај, не треба да платам’.“

Доколку овде запрам, ќе го навлечам гневот на многумина, зашто не е лесно да се реши ова дилема.

Грешката во аргументацијата и на Протагора и на неговиот ученик е во тоа што и двајцата на договорот за хонорар му припишуваат содржина што тој ја нема, значи го прекршуваат првиот закон на мислењето, Законот за идентитет. Имено, условот – добиен процес, не се однесува на процес што се однесува на хонорарот.

Решението на оваа дилема лежи во фактот што Еуатхлос го ангажирал Протагора за после поуката да застапува на суд, а Протагора се согласил да го добие другиот дел од хонорарот кога ученикот ќе го добие првиот процес. Еуатхлос не го исполнил својот дел од обврската, па пресудата треба да биде во корист на Протагора.

Објавено во Нова Македонија на 5 јуни 2010

  •