Десетте Божји заповеди на комунистичкото право

Смешното носи срам повеќе од срамното (Франсоа Ларошфуко, „Максими“)

Доколку го парафразираме Шопенхауер („Светот како волја и претстава“), потеклото на смешното е во несовпаѓањето на замисленото и виденото. На пример, натписот над гробот на еден лекар: „Овде лежи тој како јунак, а оние што тој ги испоубива лежат околу него“. Поимот „лежи окружен со оние што ги испоубил“ е чесен за јунак што го брани огништето, но во случајов под овој поим се супсумира лекар што треба да го чува животот. Значи, смешно е она што е нелогично.

Иако со две резолуции на Советот на Европа и една на ЕУ на бившите комунистички земји им е прецизно објаснето како да се исчистат од комунизмот, десната влада и претседателот на државата, на најважни места имаат поставено комунисти, кои извршувале министерски, судиски, обвинителски, амбасадорски, партиски и други функции. Поради тоа, во продолжение на текстов ќе бидат сведени под заеднички именител „комунистот“.

За да споредиме како го разбира правото „комунистот“ на десната влада и претседателот, мора прво да знаеме врз основа на кои „заповеди“ работел „комунистот“.

Според проф. д-р Ловро Штурм („БЕСПРАВЈЕ, словенското правосудство по 1945“, Љубљана, 1998,), кој во десната влада на Јанез Јанша до пред две-три години беше министер за правосудство, комунистичките судови се репресивен орган, во кој првите кадри доаѓаат од УДБА и Обвинителството. Во првостепените судови 50 отсто се комунисти, а во вишите и во Врховниот, 80 отсто судии се комунисти. Преземајќи го полскиот правен теоретичар Лех Фаландиш, Штурм со коавторот, на страница 69 ги наведува „Десетте Божји заповеди на комунистичкото право и ред“:

  1. „Правото им е подредено на политичките цели и интереси на владејачката група (странка); над правото преовладува политиката, која правото не ја ограничува;
  2. Правото е политички инструмент на владејачката странка, кој на таа странка и овозможува, на ‘степен на закон да подигне’ сé што ќе посака и со тоа да го обврзе целото општество;
  3. Општеството како целина и општествените групи надвор од владејачката странка немаат никакво фактичко влијание на содржината на правото и на процесот на неговото создавање;
  4. Човековите права и граѓански слободи се заштитени само до таа мера, додека се совпаѓаат со интересите на групата на власт;
  5. Политичките власти правото не ги обврзува; таа власт е единствена група која може правото да го менува и крши;
  6. Спрема надвор, правото се претставува во демократски облик, кој во практиката не дејствува;
  7. Правото го создава законодавно тело, во кое секогаш преовладува владејачката странка и други државни тела, кои на таа странка и се целосно подредени;
  8. Независно тело кое би ја оценувало складноста на законите со Уставот или меѓународните конвенции, не постои. Што се однесува до заштита на човековите права и граѓански слободи, како Уставот, така и меѓународните договори, се третираат како декларации без непосредна употреба во општествената практика;
  9. Службената пропаганда го прикажува правото како израз на настојувањето на мнозинството државјани, или општеството како целина;
  10. Теоријата на правото и научното проучување на правото се обидуваат да ја оправдаат потребата од постоечкиот правен систем; нивна должност е да го посматраат и утврдуваат; правните професии се должни да соработуваат со власта, да ја штитат и да ги потпираат нејзините интереси“.

Чесите во член 2, став 2 од Законот за противправно дејствување на комунистичкиот систем, комунизмот го прогласуваат за злосторнички режим:

„Комунистичката партија на Чехословачка беше злосторничка организација, која заслужува презир, како и сите организации што беа формирани врз основа на нејзината идеологија и своето дејствување го насочиле против човековите права и демократскиот систем“.

Според Јанез Јанша („Ровови“, Љубљана, 1994, страница 125-126), суден и затворан во комунизмот, поранешен премиер на Словенија, денес лидер на опозицијата, во комунизмот имало само две линии за напредување до врвот на хиерархијата. Двете претставувале темелни камења на недемократската власт: УДБА и идејнополитичките комисии. Понатаму тврди дека Милан Кучан стигнал на врвот по втората, според Јанша, помека линија.

„Комунистот“ во десната влада, во комунистичкиот режим не напредувал по втората линија. Не ги заземал оние места во комунистичката партија, што ги заземал Милан Кучан, кој стана и нејзин шеф. Таквите останаа во дружината на Црвенковски, некои од нив се „надве“, а другите во стампедо јурнаа кон десницата, па како во секое стампедо имаше жртви и тоа најмногу десничари.

„Војниците во стражарницата му дозволуваат на тукушто доведениот затвореник да им се придружи во играњето карти, но бидејќи тој при играњето мами, избувнува караница и тие го исфрлаат надвор. Војниците се придржуваат кон општиот поим ‘лошите другари се исфрлаат надвор’, а притоа забораваат дека истовремено тој е затвореник, односно некој што треба да се држи под стража“ (Шопенхауер, „Светот како волја и претстава“).

И после, еден министер на десната влада се чуди што НАТО ни дозволува да го чуваме кампот, ама не ни дозволува да престојуваме во НАТО-шаторот?!

Објавено во Нова Македонија – 29 октомври 2010
Преведено на англиски за читателите на macedonianspark.com – 04 ноември 2010