Да се отфрли иницијативата на ЛДП за границата

Правниот лек на ЛДП може да се покаже како многу опасен за Македонија. Здравиот разум вели така, но бидејќи станува збор за правно средство, треба на правен начин да се оспори правниот интерес на ЛДП за поднесување на иницијатива за оспорување на уставноста на правниот акт за границата. Уставниот суд треба да утврди дали е во согласност со Европската конвенција за човекови права, со Уставот на Република Македонија, и Деловникот на Уставниот суд, член 12 кој гласи: „Секој може да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт.“

Во Уставот нема одредба како цитираната Деловникот. Овој факт може да се толкува на два начини. Или пишувачите на Уставот (во медиумите се споменуваат Љубомир Фрчкоски и Владо Поповски) сметале дека правниот интерес е доволно афирмиран во процесните закони и нема потреба да се внесува во Уставот, или не сакајќи не го уредиле ова прашање со што создале правна празнина. Доколку станува збор за првата можност, тогаш треба да се има предвид правниот интерес онака како што е разработен во Законот за парнична постапка. Од ова, произлегува заклучок дека Уставниот суд во својот Деловник внел неуставна норма. Ваквиот заклучок произлегува и од членот 8 од Уставот, каде што е запишано начелото на владеење на правото. Доколку секој може да поднесе иницијатива за утврдување на уставноста и законитоста, тогаш немаме владеење на правото. Тогаш може некоја непријателска држава, на која не и одговара некое законско решение, сама, или преку македонско правно или физичко лице да ви го руши тој закон. Не руши, туку решета, така што ќе ви ги оспорува сите закони и ќе настане правна несигурност, односно кршење на начелото на владеење на правото.

Доколку станува збор за втората можност (правна празнина), тогаш правната наука нуди решенија, кои што се во спротивност со решението од член 12 на Деловникот на судот.

Најпогодна за споредување е Словенија, заради фактот што е во ЕУ и има изградено судска практика, затоа што излеговме од иста држава во која користевме иста терминологија и затоа што Македонија има склучено билатерален договор за помош во оваа област.

Неуставноста на член 12 од Деловникот се гледа од член 162 на Уставот на Република Словенија, во кој се вели: „Секој може да вложи иницијатива за започнување на постапка, доколку го докаже својот правен интерес“. Овој факт, говори дека правниот интерес се одредува со устав, а доколку тоа не е направено (како во македонскиот случај) тогаш никако не смее Уставниот суд да ја презема улогата на телото што го носи уставот, а најмалку да вградува противуставни одредби во својот Деловник. Словенија сметала за потребно и да го дефинира правниот интерес, а не како Македонија, да пропушти да го внесе во Уставот и уште полошо да го дерогира со член од Деловникот. Дефиницијата на правниот интерес, Словенците ја вградиле во член 24 од Законот за уставниот суд во кој се вели дека правниот интерес е докажан, доколку прописот, или општиот акт, издаден за извршување на јавни овластувања, чија што оценка иницијаторот ја предлага, непосредно посегнува во неговите права, правните интереси, односно неговата правна положба. Инаку, во случајот на Словенија, четворица од пишувачите на уставот влегоа во првиот состав на Уставниот суд на Република Словенија, додека кај нас, ниту еден од оние што се споменуваат како главни автори на нашиот Устав.

Ќе потсетам дека кога ја критикував одлуката за екстерното, ја посочив одлуката на Уставниот суд на Република Словенија, кој што едногласно утврди дека екстерното е во склад со Европската конвенција за човекови права и Уставот на Република Словенија. Овој суд утврдил дека поднесувачите на иницијативата се родители на деца што имаат обврска да посетуваат основно училиште и со тоа го докажале својот правен интерес.

Каков правен интерес имаше ЛДП за поднесување иницијатива против веронауката? Правен интерес имаа само родители на деца што посетуваа основно и средно училиште. Каков правен интерес има ЛДП да се поништи меѓународниот договор со Косово? Никаков. А штетата? Штетата ќе биде многу голема.

Ништо не научивме од поништувањето на договорот за „Окта“. Одлуката на Уставниот не ни помогна да победиме во спорот. Плативме 40 милиони долари и ништо не научивме. Така ќе биде и сега. Косово ќе нé тужи пред Меѓународниот суд на правдата, а одлуката на Уставниот пак нема да ни помогне. Во првиот случај изгубивме многу пари, а сега ќе јадеме и голем срам.

Словенија е членка на ЕУ и тоа во златната средина според стандардите на Унијата. Оваа држава има 16 неизвршени одлуки на Уставниот суд. Најпозната е онаа за избришаните, која не е извршена веќе 16 години. Според д-р Гримс, пратеник на опозицијата, Словенија ќе треба да плати околу 400 милиони евра отштета заради кршење на човековите права, за околу 25.000 избришани граѓани на Словенија.

Неправичниот закон, не е закон. Неправичниот член 12 од Деловникот не е норма што треба да се примени. Уставниот суд треба да ја отфрли иницијативата на ЛДП, заради немање правен интерес, како што требаше да ја отфрли иницијативата за веронауката, поради истата причина.

Објавено во Нова Македонија на 19 ноември 2009

  •